Свет Командант на милитантна група убиен во воздушен напад кај Алепо

Командант на милитантна група убиен во воздушен напад кај Алепо

Воен командант на сириската милитантна група, претходно позната како Ал нусра фронт, е убиен во воздушен напад во близина на Алепо, јавува „Би-би-си“.

Милитантната група, сега позната како Џабхат фатех ал-шам на својот твитер-прифил соопштила дека командантот Абу Омар Саракеб загинал во воздушен напад во провинцијата Алепо.

Засега нема информации која земја ги извршила воздушните напади.

Фронтот Ал нусра го смени своето име кон крајот на јули и наводно ги прекина врските со терористичката организација Ал каеда, основана од некогаш најбараниот терорист, Осама бин Ладен.

Групата Џабхат фатех ал-шам, која своето упориште го има во провинцијата Идлиб, е една од најмоќните џихадистички групи, која се бори против сириската влада на претседателот Башар ал Асад од 2012 година.

Џабхат фатех ал-шам е на листата на териристички групи на САД, но и на Сирија и на Русија, поради што, заедно со Исламска држава, беше исклучена од американско-руските преговори за прекин на огнот во Сирија, на почетокот на оваа година.

Според светските агенции, Абу Омар Саракеб и уште неколку милитанти биле лоцирани во засолниште во селото Кафр Наха, западно од градот Алепо.

Непотврдени информации велат дека во нападот загинале или се ранети уште неколкумина високи членови на групата.