Дописници Ќе се одржи состанок за подобра соработка со Албанија за развој на...

Ќе се одржи состанок за подобра соработка со Албанија за развој на туризмот

Состанок на Прекуграничната платформа за заштита на езерскиот регион, во рамките на проектот на УНЕСКО за интегрална заштита на културното и природното богатство на регионот околу Охридското Езеро, ќе се одржи утре во Подградец, Албанија.

Целта на Прекуграничната платформа е да ја интензивира соработката на прекугранично ниво помеѓу Македонија и Албанија, односно помеѓу централните, локалните власти и секторите за туризам, урбано планирање, култура и за животна средина.

Состанокот треба да ги идентификува сите можности за надзор врз животната средина и биодиверзитетот, со што би се придонело во заштитата и управувањето на светското наследство на Охридскиот Регион.

Исто така, тема на работниот состанок е идентификација на постојни иницијативи за промовирање на одржлив развој на регионот. На состанокот ќе бидат презентирани и стратегии за развој на туризам, меѓу кои и работата на стратегијата за развој на туризмот на Општината Охрид.

– Визијата за развој на Охридскиот Регион е поврзана со уникатните вредности на регионот и нивно искористување во контекст на одржливиот развој, промоцијата и привлекување на туристи – изјави Дејан Пановски од Билатералниот комитет за заштита.