Економија Казни од над 18 илјади евра за трговци кои не ги почитувале...

Казни од над 18 илјади евра за трговци кои не ги почитувале одлуките за замрзнување на цените

Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) за две недели извршил 360 надзори кај трговците за да се увиди дали ги почитуваат одлуките донесени од Владата за замрзнување на цените

Фото: Мета.мк

Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) за две недели извршил 360 надзори кај трговците за да се увиди дали ги почитуваат одлуките донесени од Владата за замрзнување на цените. Oттаму соопштуваат дека издале 53 прекршочни платни налози во вредност од над 1.150.000 денари или над 18 илјади евра.

Од инспекторатот информираат дека во периодот од 1 до 14 мај на територијата на државата извршени биле вкупно 1.100 надзори. За време на надзорите се констатирани неправилности и издадени се над 250 прекршочни платни налози во вредност од над 170 илјади евра.

Од нив, 90 се однесуваат на Закон за трговија, 15 на Закон за угостителска дејност, 22 на Закон за заштита од пушење и 67 на Закон за финансиска дисциплина.

„Сите економски субјекти, имаат можност да си ги платат прекшочните платни налози, или да си го остварат своето право доколку имаат забелешка во судска постапка. Инспекторите кои што констатирале прекршок кај економските субјекти ќе се појавуваат на судските рочишта, и ќе ги застапуваат и бранат законите по кои што ги констатирале прекршоците. Инспекторите се на терен, постапуваат согласно своите надлежности“, информираат од ДПИ и додаваат дека целта не е само да се казнуваат вршителите на трговска дејност, туку на тој начин да се изврши едукација, преку која нема повторно да ја направат грешката.

Од инспекторатот ги повикуваат граѓаните доколку забележат одредена неправилност или сомнеж за измама, а се однесува на нив како потрошувачи да пријават по електронски пат или на бројот 02/3162 341.