Култура Канческа-Милевска: Театарот е највозвишена сила и енергија во Македонија

Канческа-Милевска: Театарот е највозвишена сила и енергија во Македонија

Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска денеска по повод Светскиот ден на театарот го посети објектот во изградба на Турскиот театар и притоа на сите актери и театарски работници им посака многу премиери.

– Театарот е највозвишена сила и енергија во Република Македонија. Со изградбата на инфраструктурата за театарската дејност, како и на многу други објекти од областа на културата се оправдаа нашите заложби во таа насока, бидејќи Македонија има голем број врвни актери и уметници кои го трасираа патот на државата на секаде низ светот со нивните претставувања, награди и достигнувања, рече Канческа-Милевска.

Светскиот ден на театарот, како што нагласи Канческа-Милевска, традиционално ќе биде одбележан во сите театри во Република Македонија.

– На сцените во Скопје, Битола, Штип, Прилеп, Охрид, Тетово, Куманово, Струмица, Велес љубителите на театарската уметност ќе имаат можност да погледнат богата програма која опфаќа повеќе премиерни изведби и други претстави како за помладата така и за повозрасната публика, рече министерката.
Во оваа прилика беа прочитани пораките на режисерите, Анатолиј Василев и Бранко Ставрев по повод Светскиот ден на театарот.