Македонија Кампања на ХЕРА за заштита од секаква дискриминација

Кампања на ХЕРА за заштита од секаква дискриминација

Асоцијацијата за здравствена едукација и истражување (ХЕРА) заедно со Коалицијата „Сексуални и здравствени права на маргинализирани заедници“, а со поддршка на Амбасадата на Кралството Холандија во Македонија, од денеска ја почнува кампањата за заштита од дискриминација врз сите основи, вклучувајќи ја и сексуалната ориентација и родовиот идентитет.

Пораката на кампањата е „Ако е вообичаено, не значи дека е праведно. Три пати мери, еднаш сечи, но никогаш не дискриминирај!“

Главен резултат на проектот е основањето на координативни тела за заштита од дискриминација од страна на советите на општините Штип, Куманово и Струмица. Тие ќе имаат цел заеднички да работат на зголемување на информираноста на граѓаните како да препознаат и каде да пријават дискриминација.

– Што се однесува до заштитата од дискриминација на ЛГБТИ-заедницата, во текот на оваа година, Министерството за труд и социјална политика спроведе консултативен процес за изменување на Законот за спречување и заштита од дискриминација. Се надеваме дека во текот на 2017 година ќе се усвојат измени кои ќе вклучуваат сексуална ориентација и родов идентитет како основи за дискриминација, што воедно ќе ги охрабри ЛГБТИ-луѓето да пријавуваат дискриминација – велат од ХЕРА.

Комисијата за заштита од дискриминација во текот на 2016 година одлучуваше во неколку случаи на дискриминација врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет. Во повеќето случаи комисијата повторно не успеа да ја препознае дискриминацијата и соодветно да ги примени одредбите на Законот за спречување и заштита од дискриминација.