Свет Балкан Каменос: Грција ќе се сврти кон САД, Русија и кон Кина ако...

Каменос: Грција ќе се сврти кон САД, Русија и кон Кина ако не постигне договор со ЕУ

Грчкиот министер за одбрана, Панос Каменос, изјави дека Атина би можела да се сврти кон САД, Русија или кон Кина доколку пропаднат преговорите со еврозоната за ублажување на грчката должничка криза.

Каменос, претседател на Независни Грци, малцинскиот партнер во новата грчка влада, рече дека Грција мора да има план Б ако еврозоната ги одбие нејзините предлози.

Атина се подготвува в среда да го претстави својот план на состанокот на министрите за финансии на еврозоната. Грција тврди дека условите за враќање на кредитот од 240 милијарди евра од ММФ и од ЕУ се претешки.

Претставниците на ЕУ досега ги одбиваа грчките напори за реструктуирање на кредитните услови, иако германската канцеларка Ангела Меркел рече дека сака да види дали Грција ќе понуди „одржлив предлог“ на состанокот в среда.

– Сакаме договор. Ако нема договор и ако Германија остане ригидна и сака да ја разнесе Европа, планот Б е наша должност. А планот Б е да се најде друг извор за финансирање. Тоа би можеле да бидат САД, во најдобар случај, би можела да биде Русија, би можела да биде Кина или некој четврти – рече Каменос за грчката телевизија „Мега“.

Независни Грци се десноориентирана партија, а во коалицијата со крајната левица СИРИЗА ги спои заедничкото жестоко противење на „тројката“ меѓународни кредитори.