Македонија Кафулињата „Гнездо“ и „Интермецо“ добија решенија за намалување на бучавата, потоа следуваат...

Кафулињата „Гнездо“ и „Интермецо“ добија решенија за намалување на бучавата, потоа следуваат и казни

Photo by Alexander Popov on Unsplash

Секторот за инспекциски работи на Општина Центар соопштува дека продолжува со мерењата и со теренските контроли на гласноста во угостителските објекти во оваа општина и донесува решенија за преземање мерки.

Овластените општински инспектори за животна средина, заедно со одговорните лица од овластената лабораторија за мерење на бучава, деновиве се повторно на терен.

„По извршените мерења во одредени локали, инспекторите констатираа повисоки вредности од максимално дозволените гранични во ноќен период, по 23:00 часот, а уште два локала, „Гнездо“ и „Интермецо“, добија решенија за преземање мерки за намалување на вредноста на имисионото ниво на бучавата во животната средина. По добивањето на решенијата, угостителите имаат законски рок од 8 дена да постапат по нив“, стои во соопштението на Секторот за инспекциски работи.

Се додава дека минатата седмица општинските инспектори издале две решенија за преземање на мерки за намалување на бучавата за два угостителски објекта, „Мош“ и „Макка“, како и дека засилените контроли ќе продолжат и во наредните денови, во сите делови од општината.

Од Општина Центар апелираат до сите управители и сопственици на угостителски објекти, да се придржуваат до постоечките правилници, да имаат обзир кон жителите кои живеат во непосредна близина на нивните локали и да го почитуват Законот за заштита од бучава во животната средина. Во спротивно, за сите измерени надминувања на граничните вредности на бучава, ќе се преземат законски пропишаните мерки и ќе бидат изречени поригорозни казни.