Свет Јужнокорејскиот парламент ѝ изгласа импичмент на претседателката на државата

Јужнокорејскиот парламент ѝ изгласа импичмент на претседателката на државата

Парламентот на Јужна Кореја денеска ѝ изгласа импичмент на претседателката на земјата, Парк Геун-хје, со што ги суспендираше нејзините извршни овластувања поради големиот корупциски скандал, јавуваат светските медиуми.

Предлогот за отповикување на претседателката го поддржале 234 пратеници, а 56 биле против, од вкупно 300 членови колку што брои јужнокорејскиот парламент. За отповикување на Парк Геун-хје беше потребно двотретинско мнозинство, за чие постигнување беше потребно да гласаат и некои од членовите на нејзината партија, што тие очигледно и го направиле, пишуваат агенциите.

Сега уставниот суд на земјата треба и формално да ја разреши претседателката од функцијата или да донесе одлука за повторно воспоставување на нејзините претседателски овластувања. За донесување одлука судот има рок од 180 дена.

Засега, Парк Геун-хје го задржува звањето претседател, но ѝ се одземени извршните овластување, кои до одлуката на уставниот суд ќе ги извршува премиерот на Јужна Кореја, Хванг Кјо-ан.

Во Сеул повеќе од еден месец се одржуваат протести на кои граѓаните бараа од претседателката да поднесе оставка поради обвинувањата дека ѝ овозможила на својата советничка и пријалетка Чои Су-сил, која нема официјална функција, да го користи своето влијание и да принудува компании да донираат милиони долари во двете фондации што биле под нејзината контрола.