Свет Европа Јункер е против брз прием на Западен Балкан во ЕУ

Јункер е против брз прием на Западен Балкан во ЕУ

Претседателот на Европска комисија, Жан-Клод Јункер, уште еднаш повтори дека е противник на идејата за брз прием на земјите од Западен Балкан, но предупреди на ризикот од повторни војни на Балканот.

– Не сум приврзаник на брзо присоединување на Западен Балкан кон ЕУ. Но, ако им се одземе европската перспектива, повторно ќе го преживееме тоа што го преживеавме во 90-тите години на минатиот век. Во тој контекст, стабилноста на системот на ЕУ е задолжителен услов за Балканот повторно да не западне во состојба на војна – вели Јункер во интервју за белгискиот весникот „Политико“.

Истовремено, главниот противник на проширувањето на Унијата рече дека е против прекин на преговорите за членство со Турција и притоа изрази надеж дека официјална Анкара ќе соработува во Брисел.

– Не поддржувам прекин на преговорите со Турција, како што бара Европскиот парламент. Турција буквално секоја секунда се оддалечува од исполнувањето на обврските за членство во ЕУ. Не, ЕУ не се присоединува кон Турција, туку Турција кон ЕУ – рече Јункер, коментирајќи ја резолуцијата на Европскиот парламент, со која се бара прекин на преговорите со Анкара поради непочитување на човековите права и кршење на демократските начела.