Македонија ЈП Водовод и канализација – Скопје апелира да се чува канализацискиот систем...

ЈП Водовод и канализација – Скопје апелира да се чува канализацискиот систем и да не се фрла сешто во него

Фото: ЈП Водовод и канализација Скопје

ЈП Водовод и канализација – Скопје упати апел до граѓаните да се однесуваат одговорно кон канализацискиот систем, и посочи на неговата функција во неколку сфери.

„Одржувањето на системот за одведување на урбани отпадни води и третманот на отпадните води е од исклучително значење за заедницата, за санитарната и здравствена заштита, како и за заштита на животната средина од загадување“, посочува јавното претпријатие.

Несоодветното однесување на граѓаните, посебно фрлањето на најразлични неподобни предмети или материи, многу го отежнува работењето на канализацискиот систем и пречистувањето на отпадните води, се вели во апелот.

„При неодговорно и несовесно одлагање на отпад во системот за одведување на урбани отпадни води, се нарушува неговата функционалност и најчесто доаѓа до излевање на отпадните води, кои доколку не се пречистени и правилно третирани штетно влијаат врз здравјето на луѓето и врз животната средина“, порачува ЈП Водовод и канализација – Скопје, нагласувајќи дека злоупотребите на водоснабдителниот и канализацискиот систем може да се пријавуваат на следниве начини:
– 02 3073 010, Дежурно Информативен Центар;
– 02 3240 300, Дирекција
– kontakt@vodovod-skopje.com.mk
– www.vodovod-skopje.com.mk
– www.facebook.com/jpvodovod.skopje

Инаку, јавното претпријатие е во процес пред избор на компанијата што треба да ја проектира и изгради Пречистителната станица за отпадните води од Скопје. Досега околу 50 компании пројавиле интерес за пријавување на конкурсот.