Македонија ЈП Комунална хигиена-Скопје го исчисти ѓубрето од авто-полигонот под Кале

ЈП Комунална хигиена-Скопје го исчисти ѓубрето од авто-полигонот под Кале

Извор: ЈП Комунална хигиена-Скопје

Екипите на ЈП Комунална хигиена-Скопје во текот на изминатиов викенд реализираа активности за генерално чистење на авто-полигонот под скопското Кале и кејот на реката Вардар, информираат од ова јавно претпријатие.

„Во рамките на акцијата беа ангажирани 20 работници на терен, а отстранети се приближно 15 кубни метри неправилно одложен мешан комунален, кабаст и градежен отпад“, се наведува во соопштението на ЈП Комунална хигиена-Скопје.

Извор: ЈП Комунална хигиена-Скопје

Инаку, Мета.мк кон крајот на јануари објави дека оваа локација е претворена во дива депонија, каде што нелегално се одлага отпад. Истата не беше исчистена, и покрај тоа што најавите на скопската градоначалничка Данела Арсовска беа дека сите диви депонии ќе бидат исчистени во првите 82 дена од нејзиниот мандат.

Сообраќајниот полигон под Амбасадата на САД во општина Центар е една од локациите каде во континуитет, со години наназад, се фрла отпад од несовесните лица. Градските власти засадија дрвца на улицата Лазар Личеновски за да се спречи истурањето отпад во долот од ридот, но и тоа не ги спречува несовесните граѓани да фрлаат ѓубре.