Свет Балкан Јилдирим: Во обидот за пуч загинаа 161 лице, 1.440 се повредени, 2.839...

Јилдирим: Во обидот за пуч загинаа 161 лице, 1.440 се повредени, 2.839 се уапсени

Турскиот премиер Бинали Јилдирим на прес-конференција утринава во Анкара изјави дека во обидот за државен удар загинале 161 лице, а 1.440 се ранети. Тој истакна дека сепак овие бројки засега не се финални.

Според неговите зборови, 2.839 припадници на војската се уапсени и ситуацијата сега е под целосна контрола на власта.

Јилдирим соопшти дека командата ја презеле воени лица лојални на претседателот Реџеп Таип Ердоган и дека бунтовниците киднапирале одреден број воени команданти со различни чинови.

– Ова беше дамка на турската демократија, но покажа дека народот е подготвен да се бори за демократијата. И понатаму апсиме. Првата фаза е завршена и ќе бидат преземени сите мерки против оние кои се обидуваат да ја дискредитираат турската држава. Го повикувам народот да ги наполни улиците и плоштадите вечерва – рече Јилдирим.

Во обидот за пуч во Турција, убиени се 104 пучисти, 48 цивили и 41 припадник на полицијата, изјави претходно шефот на војската, Умит Дундар, додавајќи дека бројот на притворените припадници на војската на Турција се зголеми на повеќе од 2.000 лица.