Македонија Јанкулоска: СЈО да отвори и милион истраги, нема да покрие дека е...

Јанкулоска: СЈО да отвори и милион истраги, нема да покрие дека е подредено на СДСМ

Специјалното јавно обвинителство може да отвори уште милион измислени истраги што се производ на конструкции, без никакви докази и аргументи, но тоа нема да ги направи вистина нивните лаги и нема ја ја покрие нивната партиска подреденост кон СДСМ, напиша на „Фејсбук“, поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, како реакција на новите истраги на СЈО, „Тарифа“ и „Тенк“.

Истрагите на СЈО, вели Јанкулоска, нема да го компензираат ниту „недостигот од професионален капацитет, морален кредибилитет и крајно проблематичен интегритет на Катица Јанева и на нејзиниот партиски тим во СЈО“.

Поранешната министерка реагира, како што вели, и на „партиските гласила на СДСМ финансирани од Сорос“, кои „оркестрирано, во хор се ставиле во функција на мегафони, кои не почуствуваа потреба да побараат став од никого од посочените личности и институции“.

Инаку, во соопштението на СЈО за двете нови истражни постапки, освен компанијата ЕЛЕМ, ниту со име и со презиме, ниту, пак, со иницијали се споменува идентитетот на осомничените во двата случаи.

СЈО отвори истрага со име „Тенк“, за набавката на „мерцедесот“ од 600.000 евра, додека истражната постапка „Тарифа“ е за јавна набавка на софтвер за потребите на акционерското друштво „Електрани на Македонија“ (ЕЛЕМ), за сума од 4.092.420 евра, кој никогаш не бил ставен во употреба, а на штета на државата.