Свет Балкан Јанковиќ и Јеремиќ веруваат во промени што можат да ги донесат изборите

Јанковиќ и Јеремиќ веруваат во промени што можат да ги донесат изборите

Претседателските кандидати и главни политички ривали на Александар Вучиќ, поранешниот омбудсман Саша Јанковиќ и поранешниот шеф на дипломатијата Вук Јеремиќ, се надеваат дека денешните избори во Србија можат да донесат важни промени, јавува дописничката на „Мета“ од Белград.

Јанковиќ, кој е поддржан од интелектуалната и граѓански ориентирана елита, посака Србија да има „среќни и успешни демократски избори“ и вети дека на граѓаните ќе им ги врати достоинството и насмевката, а на институциите смислата на постоењето.

„По ова, ништо во Србија нема да биде исто. По долго време ќе ги поставиме работите на вистинското место“, изјави Јанковиќ кој на гласањето беше со сопругата и со синот.

Кандидатот Вук Јеремиќ, кој според предизборните анкети има помеѓу 8 и 12 отсто поддршка, се надева дека денешните избори ќе бидат празник на демократијата и важен чекор кон остварувањето на промени во Србија.

„Се надевам дека луѓето ќе излезат во голем број и ќе гласаат за промени. И додека гласаат, ќе размислуваат и за втор круг и кој е тој што најлесно може да им донесе промени“, изјави Јеремиќ, кој гласаше со сопругата.