Економија Извозот во првиот квартал од годинава е 2 милијарди долари, за 29...

Извозот во првиот квартал од годинава е 2 милијарди долари, за 29 отсто повеќе од лани

Извор на фотографија: Влада на РСМ

Во периодот од јануари до март годинава вкупниот обем на трговската размена со странство достигна 4,6 милијарди долари. Вредност на извозот на стоки од Северна Македонија е 2 милијарди долари и бележи пораст од 29 отсто во однос на истиот период од претходната година. Вредноста на увeзената стока, пак, изнесува 2,6 милијарди долари што е за 24,6 отсто повеќе во однос на првите три месеци од 2020 година.

При тоа, покриеноста на увоз со извоз во месеците јануари, февруари и март 2021, изнесува 75,9 отсто, а трговскиот дефицит е 635 милиони долари, објави Државниот завод за статистика.

Според трговската размена по производи, во извозот најголемо е учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, делови на седишта и фероникелот. А, во увозот најмногу се застапени други метали од платинска група и нивни легури, необработени или во прав, керамичките производи за лабораториска, хемиска и индустриска употреба, платината и легурите на платина, необработени или во прав, нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали.

Во првите три месеци од 2021, Северна Македонија остварила најмногу трговска размена со Германија, Велика Британија, Србија, Грција и Кина.