Економија Извозот и увозот во првите два месеци се зголемени во однос на...

Извозот и увозот во првите два месеци се зголемени во однос на лани

Извозот на стоки од Македонија, во периодот јануари-февруари 2017 година, изнесува 747.106.000 долари и бележи пораст од 7,2 проценти во однос на истиот период лани, објави Државниот завод за статистика.

Вредноста на увeзената стока, во истиот период, изнесува 1.014.149.000 долари што е за 10,8 проценти повеќе во споредба првите два месеци лани.

Трговскиот дефицит, во периодот јануари- февруари 2017 година, изнесува 267.043.000 долари.

Трговската размена по производи покажува дека во извозот најголемо е учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, фероникелот и облеката.

Во увозот најмногу се застапени платината и легурите на платина, нафтените и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови), другите метали од платинската група и нивни легури и електричната енергија.

Во периодот јануари-февруари 2017 година, според вкупниот обем на надворешно-трговската размена, Македонија најмногу тргувала со Германија, Велика Британија, Грција, Србија, и Бугарија.