Свет Израел ја одби наградата на УНЕСКО за институтот „Волкани“

Израел ја одби наградата на УНЕСКО за институтот „Волкани“

Израелската влада решила да ја одбие наградата што Агенцијата за образование, наука и за култура на Обединетите нации (УНЕСКО) одлучи да ја додели на институтот „Волкани“ за достигнувања во областа на природните науки, јавуваат светските агенции.

Одлуката за одбивање на наградата ја донеле министрите за образование и за земјоделство на Израел, Нафтали Бенет и Ури Ариел, во договор со кабинетот на премиерот Бенјамин Нетанјаху, поради „антиизраелските резолуции“ што ги усвојувала агенцијата на ОН.

Во август годинава, УНЕСКО соопшти дека ќе го награди институтот „Волкани“, кој е истражувачки оддел на Министерството за земјоделство и рурален развој на Израел.

Доделувањето на наградата, на кое Израел одлучи да не присуствува, треба да се одржи за две недели во Екваторијална Гвинеја.

„Нема сомнеж дека институтот „Волкани“ и неговите истражувачи заслужуваат награди и признанија, но не од организација која поддржувала политички резолуции против Израел“, изјавил неименуван израелски функционер, кој додал дека наградата не може да служи како „смоквин лист“ за да се легитимираат политичките резолуции на УНЕСКО кои нанесуваат штета на Израел.

Американскиот претседател, Доналд Трамп, неодамна одлучи да ги повлече САД од УНЕСКО поради необјективност кон Израел. За идентичен потег размислува и Израел.