Македонија Иванов за „Билд“: Ниту сега, ниту со косовската криза никој не ни...

Иванов за „Билд“: Ниту сега, ниту со косовската криза никој не ни помага

Во интервју за најтиражниот германски весник „Билд“, македонскиот претседател Ѓорге Иванов вели дека неговата земја е „предадена и напуштена“. „Никој не нѐ сака“, вели „лутиот“ претседател, како што го нарекуваат новинарите што го воделе интервјуто, и жестоко ги критикува и ЕУ и Германија, пренесе „Дојче веле“.

На прашањето дали Македонија се чувствува излажано од ЕУ поради тоа што Турција ќе добие 6 милијарди евра и визна либерализација, а неговата земја ништо и покрај тоа што ја врши „валканата работа“, Иванов вели:

– Ова не е првпат Македонија да биде напуштена од ЕУ, веќе сме го преживеале тоа! Кога за време на косовската криза примивме 360.000 бегалци, никој не ни помогна. Затоа сега реагиравме проактивно – нашата армија ја штити границата. Во овој случај, за бегалската криза веќе плаќаме за грешките на ЕУ, веќе потрошивме 25 милиони евра, пари на нашите даночни обврзници, и прогласивме кризна состојба. А што добивме од Европа? Ништо! Ниту еден цент! А сега уште мораме како земја која не е членка на ЕУ, да ја штитиме Европа од членка на ЕУ, имено Грција – вели Иванов.

На прашањето „Значи вие не сте членка на Шенген, но ги штитите границите?“, Иванов одговара:

– Да, ние не сме ништо, не сме членка на ЕУ, ни во шенген-зоната, ниту во НАТО. Никој не нѐ сака. И покрај тоа, ние ја штитиме Европа од една европска земја, која недоволно ги контролира бегалците, односно едноставно ги праќа понатаму. Безбедноста е целосно запоставена во бегалската криза. Доколку се потпиравме на Брисел и не реагиравме самите, одамна ќе бевме преплавени со џихадисти – објаснува Иванов.