Македонија Иванов упати сочувство до кралицата Елизабета Втора и го осуди нападот во...

Иванов упати сочувство до кралицата Елизабета Втора и го осуди нападот во Лондон

Претседателот на државата, Ѓорге Иванов, денеска упати сочувство до британската кралица Елизабета Втора по повод терористичкиот напад во Лондон, во кој загинаа седум лица, а 48 беа повредени.

„Со шок и со огорченост ја примив веста за терористичкиот напад во Лондон, во кој животот го загубија голем број невини лица и каде има голем број повредени. Во овие мигови на длабока тага, дозволете ми во име на граѓаните на Република Македонија, да изразам искрено сочувство и да Ве охрабрам во истрајноста и во решителноста во борбата со насилството и со злосторничките акти, без разлика од каде и од што се мотивирани. Сакам да Ве уверам дека Република Македонија најостро осудува секакви терористички напади, кои шират страв и од кои никој и никаде не е безбеден, и силно го поддржува Обединетото Кралство во решителната борба против тероризмот, како услов на патот кон мирот, стабилноста и напредокот. Ваше Величество, нашите мисли и молитви се со Вас и со семејствата на жртвите“, стои во телеграмата од претседател Иванов.

Телеграма со сочуство до премиерката на Велика Британија, Тереза Меј, упати и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.

„Би сакал да изразам најдлабоко сочувство до Вас, до семејствата на настраданите и до мирољубивиот народ на Англија. Нашите мисли и молитви се со Вас. Овој срамен чин кој се случи вчера ги вознемири и потресе македонските граѓани. Овој срамен чин вчера беше директен и брутален напад врз општеството и човечките вредности. Сите ние заедно сме исправени пред предизвикот наречен тероризам. Република Македонија и граѓаните одлучно се решени, заедно со цивилизираниот и демократскиот свет, да дејствуваат во борбата против тероризмот. Таа борба против тероризмот никогаш нема да запре, а ние никогаш не смееме да се откажеме“, стои во телеграмата од Груевски.