Македонија Иванов: Македонија одлично се справува со мигрантската криза

Иванов: Македонија одлично се справува со мигрантската криза

Претседателот на Македонија, Ѓорге Иванов, на Самитот за климатски промени, кој се одржува во Париз, разговарал со американскиот претседател Барак Обама и со германската канцеларка Ангела Меркел.

Иванов пред светските лидери кажал дека Македонија има прогласено кризна состојба во поглед на мигрантите и дека се прави сè за да нема никакви последици по безбедноста на населението.

– Македонија добива комплименти, за разлика од некои други држави кои беа изненадени и не се снајдоа најдобро. Со претседателот Обама зборував за нашата евроатлантска интеграција, а со Ангела Меркел имавме подолг разговор, кој се однесуваше на проблемот што нè засегнува сите во нашиот регион и кој станува сè повеќе глобален проблем. Таа информираше за самитот што се одржа меѓу Европската унија и Турција, што е планирано, кои мерки ќе се преземат краткорочно, кои долгорочно, како и за тоа кои се нивните очекувања – изјави Иванов.

Иванов се сретнал и со грчкиот премиер Алексис Ципрас, од кого побарал институциите да соработуваат и да разменуваат податоци бидејќи тоа е во интерес на двете држави.

– Голем дел од странските борци кои се на боиштата во Сирија и во Ирак сега како бегалци и мигранти се пробиваат низ Европа, и ја загрозуваат безбедноста на самата Европа. Затоа е неопходна соработка на службите, не само меѓу нас и Грција, туку долж целиот коридор и самата Европска унија, затоа што размената на податоци од безбедносен карактер отсуствува и во самата унија – рече Иванов.

Тој додаде дека со Ципрас разговарале и за мерките за градење доверба меѓу Македонија и Грција, како и за неопходноста од нивна имплементација.