Откако успешно изработија резервни делови за респираторните апарати за кои се појавил огромен недостиг во болниците во северна Италија преплавени со пациенти заразени со корона вирусот, инженерите на италијанската фирма „Исинова“ успешно прилагодија и маски за нуркање за респиратори, јавуваат медиумите од Италија. „Исинова“ е компанија за 3Д принтање од италијанскиот град Бреша, еден од најпогодените со епидемијата на Ковид-19.
„Не контактираше главниот доктор од болницата Гардоне Валтромпиа, д-р Ренато Фаверо со идеја за прилагодување на маски за нуркање кои се продаваат во ланецот спортски дуќани „Декатлон“ во респираторна машина за итни случаи, кусо откако за болницата Кијари изработивме безбедносни вентили со 3Д процес на принтање“, се вели во информацијата објавена на веб-сајтот на „Исинова“. Италијанските инженери ја контактирале фирмата „Декатлон“, кој ја произведува и продава нуркачката маска Easybreath и тие веднаш прифатиле да им ги дадат техничките нацрти на маската, а потоа тие испринтале соодветен вентил, кој го нарекле „Шарлот“, кој се монтира на маската за да може да се користи како респираторна маска.
Околу 500 пациенти веќе добија вакви респираторни маски од преправени маски за нуркање во болниците во Бреша.
Ова е втор успешен проект на италијанските инженери откако пред десетина дена, во болиците од регионот на овој италијански град почнал да се јавува недостиг на резервни вентили за респираторните апарати, неопходни за најтешките случаи на пациенти со корона-вирус, а немало резерви ниту кај фирмата-добавувач. За проблемот го дознал новинар на локалниот весник, кој стапил во контакт со Масимо Темпорели, познат италијански инвентор кој направил нацрт за изработка на вентилот во 3Д техника на печатење.
Инженерите на „Исинова“ се нафатиле да го изработат и покрај тоа што произведувачот на опремата за респираторите најавил дека ќе ги тужи за кршење на авторските права и благодарејќи на нивната одлучност, болниците ги добија потребните вентили. За „Њујорк тајмс“, двајцата главни инженери, Кристијан Фракаси и Алесандро Ромајоли изјавија „Никогаш порано не сме правеле вентили, но сакавме да помогнеме“. Според Би-Би-Си, им биле потребни три часа да го произведат прототипот на вентилот во 3Д техника на печатење, а тоа чинело помалку од едно евро.
Бреша е град и област во северна Италија, една од најпогодените со епидемијата на корона-вирусот.