Македонија Истражување: Младите македонски ЛГБТИ-лица сè почесто се во депресија поради хомофобијата

Истражување: Младите македонски ЛГБТИ-лица сè почесто се во депресија поради хомофобијата

Младите ЛГБТИ-лица сè повеќе и почесто се изложени на депресија, покажуваат повисоко ниво на анксиозност во социјалната интеракција и почесто прикриваат важни информации за себе, за разлика од нивните хетеросексуални врсници, покажа првото истражување во Македонија на дискриминацијата, насилството, вознемирувањето и малтретирањето на младите ЛГБТИ-лица засновани на сексуална ориентација и родов идентитет.

Истражувањето, кое го спроведе „Субверзивен фронт“ во партнерство со „Младински образовен форум“ било спроведено врз пригоден и случаен примерок на млади лица (18-30 години) кои живеат во сите општини на Град Скопје, притоа користејќи интернет-прашалник, анкета лице в лице и фокус-групи.

– Наодите од ова прво истражување за младите ЛГБТИ-лица во Македонија се поразителни. Јасно видливо е штетното влијание што хомофобијата и трансфобијата во општеството го имаат врз психофизичкото здравје и севкупната благосостојба на младите ЛГБТИ-лица. Уште повеќе загрижува високото ниво на интернализирана хомофобија кај самите ЛГБТИ-лица, како и фактот што дискриминаторски ставови се промовираат од просветни работници, отежнувајќи го уште повеќе психосоцијалното функционирање на младите ЛГБТИ-лица– вели Антонио Михајлов, претседател на „Субверзивен фронт“.

Од „Субверзивен фронт“ сметаат дека е потребно зголемување на општествената кохезија во рамките на ЛГБТИ-заедницата, но и дополнување на Законот за заштита од дискриминација,

– Она што ние, како ЛГБТИ-активисти и истражувачи, би можеле да го препорачаме за соодветно третирање и за решавање на овој проблем, е зголемување на општествената кохезија во рамките на ЛГБТИ-заедницата, подобрување на услугите за ментално здравје на ЛГБТИ-лицата, продолжување на напорите за лобирање и на притисокот за усвојување на инклузивни законски решенија за заштита од дискриминација, насилство, злосторства и говор од омраза засновани на сексуална ориентација и на родов идентитет, како и спроведување на образовни кампањи по сексуална ориентација и родов идентитет, користејќи современа литература и најнови информации наменети за јавноста и за просветните работници – изјави Кристефер Стојановски, консултант за истражувањето кое е финансиски поддржано од германската фондација за поддршка на младински проекти и иницијативи „Шулер хелфен лебен“.