Македонија Истражната на Кежаровски и „сваровски-судијката“ ги добија обвиненијата од СЈО

Истражната на Кежаровски и „сваровски-судијката“ ги добија обвиненијата од СЈО

Татјана Михајловска и Лидија Петровска од Кривичниот суд се двете судијки што ќе треба да ги работат обвинителните акти кои минатата недела ги поднесе СЈО.

Неофицијално, судијката Михајловска ќе го работи случајот со насилството во Општината Центар („Шамарите за Жерновски“), а Петровска го доби случајот со уништувањето на документите поврзани со опремата за прислушување.

Распределбата е направена во согласност со електронскиот систем за распределба.

Инаку, Михајловска беше истражна судијка во случајот „Ликвидација“, во кој осуден беше новинарот Томислав Кежаровски, а Лидија Петровска беше спомената во една од „бомбите“ што лани ги објави СДСМ, во разговор воден меѓу судијката Софија Лаличиќ и поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, во кој се тврди дека Петровска местото го добила со купување подароци од брендот „Сваровски“ за претседателката на Врховниот суд, Лидија Неделкова.

Сè уште не се одредени датуми за судење, односно за одржување на главната расправа, за што не е предвиден рок, туку ќе се чека слободен термин.

Двете обвиненија се поднесени по скратена постапка, бидејќи СЈО имало доволно докази за да подготви обвинителни предлози и да ги достави до Кривичниот суд.

Првиот предмет се однесува на уништувањето документи за да се прикрие незаконското прислушување, а вториот предмет се однесува за насилството пред Општина Центар од 2013 година. Во првиот предмет опфатени се седум лица, вработени во УБК, кои се осомничени за кривичното дело фалсификување службена исправа, а во вториот предмет опфатени се 14 лица осомничени за кривичното дело насилство.