Свет Иран: Со распоредување на војската, Турција ја става под закана регионалната безбедност

Иран: Со распоредување на војската, Турција ја става под закана регионалната безбедност

Заменик-министерот за надворешни работи на Иран, Хосеин Амир Абдолахиан, вчера во интервју за телевизијата „Прес“ изјави дека Турција ја става под закана регионалната безбедност со распоредувањето трупи во Северен Ирак.

– Овој чекор на владата на Турција не само што нема да помогне да се порази тероризмот, туку и ќе доведе до хаос и ќе ја стави под закана безбедноста на целиот регион – изјави Абдолахиан во интервју за телевизискиот канал.

Тој додаде дека учеството на други земји во борбата против тероризмот бара целосна координација со ирачката влада и добивање дозвола од неа за воени дејства на територијата на Ирак.

Ирачкото МНР, исто така, соопшти дека Анкара распоредила свои сили без согласност на Багдад, што се оценува како „непријателски акт“.

Вчера Турција распореди 130 војници, тенкови и артилерија во кампот на курдските борци Пешмерга, во северната ирачка провинција Ниневија.

Министерството за надворешни работи на Ирак вчера го повика турскиот амбасадор во Багдад и побара Турција веднаш да ги повлече своите војници од северните ирачки територии.