Главна секција Инспекторите дури сега ќе проверуваат дали градинките примаат невакцинирани деца

Инспекторите дури сега ќе проверуваат дали градинките примаат невакцинирани деца

Во Министерството за здравство денеска соопштија дека министерот Илир Демири допрва ќе донесе одлука со која на ДСЗИ ќе му наложи да постапува согласно законските надлежности, како и да врши вонредни инспекциски надзори, односно увид во вакциналните потврди на децата што одат во градинка

Photo by charlesdeluvio on Unsplash

Иако помина точно еден месец после препораката на Комисијата за заразни болести, Владата, односно Министерството за здравство да прогласи епидемија на голема кашлица во Скопје, државните здравствени и санитарни инспектори дури сега ќе проверуваат во градинките во државата, дали се примаат деца со пропуштени дози на ДиТеПер вакцината против пертусис.

Ова денеска го потврди и министерот за здравство, д-р Илир Демири, кој кажа дека ќе му наложи на Државниот санитарен и здравствен инспектоат (ДСЗИ) да врши контроли.

„Министерот Демири ќе донесе одлука со која на ДСЗИ ќе му наложи да постапува согласно законските надлежности предивидени со Закон за заштита на населението од заразни болести, како и да врши вонредни инспекциски надзори, односно увид во вакциналните потврди обезбедени од вакциналните пунктови за примена вакцина против голема кашлица“, наведено е во денешното соопштение од министерството.

Оттаму апелираат до родителите дека најдобар начин за заштита од голема кашлица е вакцинацијата.

„Вакцинацијата против голема кашлица се спроведува со комбинирани вакцини: Hexaxim (DTaP-IPV-Hib-HepB), Pentaxim (DTaP-IPV-Hib) и Tetraxim (DTaP-IPV). Според Календарот за имунизација, првата доза на вакцина се дава на деца на возраст со навршени два месеца, втората доза на возраст од четири месеци и третата доза на возраст од шест месеци. Првата ревакцинација се врши една година по комплетирањето на примарна вакцинација, на 18 месечна возраст. Втората ревакцина се дава во второ одделение, односно на 7 годишна возраст. Вакцината против голема кашлица на препорачанатa возраст на доенчињата го намалува ризикот од сериозна форма на болест“, потсетуваат во министерството.

Кој контролира дали се почитува одлуката за целосна вакцинација на децата против голема кашлица?

Мета.мк уште на 26 февруари ги праша институциите дали се почитува одлуката за забрана за прием во градинка за деца кои ги немаат примено потребните дози од ДиТеПер вакцината, во ек на епидемија на пертусис во главниот град и во ек на секојдневен пораст на бројот на новозаразени. ДСЗИ тогаш се прогласи за ненадлежен, а во Министерството за труд и социјална политика рекоа дека се почитува одлуката за забрана за прием на невакцинирани деца.

Сепак, родители со кои поразговаравме се сомневаат во тоа, со оглед на тоа дека никој во градинките не им побарал потврда за примена ревакцина.

„Кога се крена фама по медиумите за пертусис, од градинка ни пишаа на Вибер дека треба да се донесе потврда за примени вакцини, или ажуриран вакцинален картон и ни кажаа дека сите дечиња треба да се целосно вакцинирани и да имаат примено ревакцина за пертусис. А, речиси сите дечиња во нашата група не беа целосно вакцинирани од пертусис, значи повеќе од 90 отсто од децата во групата. Ние детето го вакциниравме, но потоа ниту некој ни побара потврда, ниту вакцинален картон, ништо не се смени“, рече тогаш за Мета.мк родител на дете кое оди во градинка во општина Карпош.

Институтот за јавно здравје еднаш седмично објавува бројки на новозаразени лица. Според последната евиденција, во земјава има 123 потврдени случаи на пертусис.