Ctrl - Z Инспекторатот за животна средина вработува тројца нови инспектори, двајца водостопански и еден...

Инспекторатот за животна средина вработува тројца нови инспектори, двајца водостопански и еден за природа

Фото: Порталб.мк

Тројца нови инспектори, двајца водостопански и еден за природа ќе бидат вработени во Државниот инспакторат за животна средина. Двајцата водостопански инспектори ќе имаат седиште во Скопје, но ќе работат во источниот и западниот регион. Инспекторот за природа, пак, ќе биде лоциран во Охрид. Со трите нови вработувања, бројот на активни инспектори во оваа институција, која треба да се бори со еколошкиот криминал, ќе се зголеми на 24, но и понатаму ќе биде далеку од оптималниот број од 40, колку што се предвидени според систематизацијата на работа.

Директорот на Инспектопратот, Сретен Стојковски вели дека огласите за новите работни места се веќе објавени и дека се предвидени во буџетот на институцијата за оваа година. Покрај инспектори, ќе се вработуваат и уште двајца административци, за ИКТ поддршка и за канцелариско работење, бидејќи, како што вели Стојковски, сега функционираат само со еден вработен во администрацијата.

„Овие вработувања се веќе одобрени и обезбеден е буџет, а за идната година бараме нови. Испративме барање за десет нови работни места, но беше одбиено. Сега подготвуваме ново барање, со двојно помалку работни места и се надеваме дека ќе се одобри. Имаме уште 16 празни позиции додека да дојдеме до потребниот број од 40. Добро е што во следните две години нема да имаме пензионирања, па дотогаш ќе можеме постапно да го зголемуваме бројот на млади колеги“, вели Стојковски.

За идната година, посочува директорот, петте работни места ќе бидат за еден инспектор за животна средина и четворица админстративци. Најавува дека може да се резлизира и едно преземање од друга иснтитуција, со што Инспекторатот ќе добие уште еден водостопански инспектор.

Минатата година беа вработени двајца инспектори, па нивниот број се искачи на 21. Од нив, најголем дел се инспектори се за животна средина,  двајца се водостопански и само еден е инспектор за природа. Заедно со административната служба, Државниот инспекторат, според систематизацијата на работа треба да има 53 вработени. Проблемите на Инспекторатот не застануваат само на екипираноста, бидејќи им недостасуваат и работни простории, откако нивните канцеларии и огромен дел од архивата беа уништени во пожар пред две години. Тие немаат ниту доволен број возила, особено теренски, па контролите на објекти на непристапен терен се речиси невозможни.

Таков е случајот и со инспекциите на малите хидроцентрали, случај што беше нотиран и од Државниот завод за ревизија. Ревизорите нотирале  дека хроничниот недостаток на водостопански инспектори резултира со целосно отсуство на контрола на малите хидроцентрали. Инспекторите, и да сакаат да извршат контрола на ваков објект, мора прво да се најават кај концесионерите за тие да им обезбедат возила, што контролата ја прави беспредметна.