Економија Инфлацијата во септември се искачи на 18,7 отсто

Инфлацијата во септември се искачи на 18,7 отсто

Фото: Порталб.мк/Суад Бајрами

Индексот на трошоците на животот во септември 2022 година, во однос на септември 2021 година, бележи зголемување од 18,7 отсто, а индексот на цените на мало бележи зголемување од 14,7 отсто, соопшти денеска Државниот завод за статистика. Според податоците на Државниот завод за статистика, индексот на трошоците на животот во септември 2022 година, во однос на претходниот месец, изнесувал 101,6, а индексот на цените на мало изнесува 99,9.

„Пораст на индексите на трошоците на животот во септември е забележан кај сирењето и урдата за 9,9 отсто, свежото и разладеното овошје за 6,3 отсто, млекото за 5,7 отсто, рибата и морските плодови за 3,5 отсто, свежиот и разладениот зеленчук освен компирите и другите коренести плодови за 3,1 отсто, пивото за 2,9 отсто, лебот и житата за 2,6 отсто, месото за 2,2 отсто, виното за 1,6 отсто, жестоките пијалоци за 0,6 отсто и шеќерот, џемот, медот, чоколадата и кондиторските производи за 0,2 отсто“, информира ДЗС за покачувањата во споредба со август 2022 година.

Во соопштението е наведено дека пораст на индексите на трошоците на животот во септември споредено со август 2022 година е забележан и кај цврстите горива за домаќинствата за 15,2 отсто, велосипедите за 9,1 отсто, мебелот и покуќнината за 6,9 отсто, фризерските салони и центрите за разубавување за 6,1 отсто, малите алатки и останатите додатоци за 6 отсто, резервните делови и приборот за сопствените превозни средства за 5,9 отсто.

За само една година, порастот на индексот на трошоците на животот кај храната и безакохолните производи е дури 28,7 отсто, додека трошоците за домување, вода, електрика, гас и други горива пораснале за 19,4 отсто. Трошоците за транспорт во септември 2022 година, наспроти една година претходно, се зголемени за 13,6 отсто, а рестораните и хотелите поскапеле за 26,1 отсто.