Економија Имотен лист ќе може да се вади преку интернет

Имотен лист ќе може да се вади преку интернет

Катастарот воведе нов дистрибутивен систем, со помош на кој граѓаните и правните лица ќе можат да извадат имотен лист од дома.

Имотен лист во електронска форма ќе чини 150 денари, а доколку се порача преку дистрибутивниот систем во хартиена форма, ќе изнесува 183 денари и уште 70 денари за поштенски трошоци.

– Дистрибутивниот систем ќе биде достапен на интернет 24 часа за сите правни и физички лица во земјата и во странство. Во зависност од желбата и од потребата на корисникот, бараните податоци може да се добијат во дигитална или во хартиена форма. Дигиталните податоци се за 20 проценти поевтини од хартиените податоци – информира директорот на Агенцијата за катастар на недвижности, Славче Трпески.

Граѓаните и правните лица од денеска може да нарачаат податоци од катастарот преку интернет на веб-страницата http://ossp.katastar.gov.mk/OSSP/

Првиот чекор е пребарување на саканиот имотен лист преку број на катастарска парцела, број на имотен лист или со директна селекција од мапа, вториот чекор е додавање во кошничка за купување и за негово плаќање преку интернет, а третиот чекор е преземање на имотниот лист кој е електронски потпишан и е јавна исправа.