Македонија ИЈЗ: Зголемен бројот на тестирања и оздравени пациенти, опаѓа бројот на смртни...

ИЈЗ: Зголемен бројот на тестирања и оздравени пациенти, опаѓа бројот на смртни случаи и ковид позитивни

Граѓани на Камениот мост во Скопје | Фото: Арбнора Мемети

Во периодот од 10 до 16 август направени се вкупно 11.605 тестирања на ковид-19, 2.062 или 17.8 проценти повеќе споредено со претходната недела. Од направените тестирања, регистрирани сe 902 нови позитивни случаи, а во наведениот период процентот на позитивни од тестирани изнесува 7.8 проценти, што покажува тренд на континуирано намалување во однос на претходните недели кога истиот се движи од 10 отсто, 9.4 отсто и 8.6 отсто, покажува неделниот извештај на Институтот за јавно здравје.

„Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи. Во горенаведениот период, најзастапена е возрасната група на лица над 60 години со 206 (22,8 проценти) позитивни. Голем број на заболени се регистрира и кај лицата на возраст од 30-39 (18,1 проценти) и 50-59 (18,0 проценти). Најмал број е регистриран кај децата од 0-9 (2,9 проценти) и 10-19 години (5,4 проценти)“ информираат од Министерството за здравство (МЗ).

Како што посочуваат оттаму, најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје (27,8 проценти) и Куманово (13,6 проценти). Во 18 града во земјата, за истиот период, бројот на новопотврдени случаи е под 20.

Неделниот извештај на ИЈЗ покажува дека од случаите кои се епидемиолошки истражени (95,1 отсто), регистрирани се 87 (10,1 отсто) хоспитализирани, а кај 244 (28,4 отсто) лица е регистрирано присуство на коморбидитети. Од вкупниот број на нови случаи, 303 (35,3 отсто) имале контакт со потврден случај, а 27 лица се со историја на патување во последни 14 дена.

„Во споменатиот период по добиени два негативни теста за присуство на SARS-CoV-2, како оздравени се водат 1.067 лица кои биле хоспитализирани или на домашно лекување, што е за 29 лица повеќе споредено со претходната недела“ појаснуваат од МЗ.

Податоците од ИЈЗ покажуваат дека регистрирани се 17 смртни случаи од 9 градови, што е намалување од 32,0 проценти во однос на минатата недела. Најголем дел од случаите биле на возраст над 60 години (52,9 проценти). Од починатите, 16 биле хоспитализирани, а еден случај починал во вонболнички услови. Коморбидитети се регистрирани кај 11 починати лица.