Здравје ИЈЗ: 45-годишен маж кој имал коморбидитети починал од грип, немал примено вакцина

ИЈЗ: 45-годишен маж кој имал коморбидитети починал од грип, немал примено вакцина

Кај починатото лице е утврдено присуство на коморбидитети (кардиоваскуларни, белодробни, дијабет, обезитас). Тој не бил вакциниран со вакцина против сезонски грип, наведено е во извештајот

Фото: CDC на Unsplash.com

Во текот на третата недела од 2024 година, регистриран е еден смртен случај поврзан со грип. Се работи за лице на возраст од 45 години од Неготино кое било хоспитализирано во Клиниката за инфективни болести и фебрични состојби, наведено е во последниот извештај за состојбата со грип и заболувања слични на грип, кој го објави Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).

„Кај починатото лице е утврдено присуство на коморбидитети (кардиоваскуларни, белодробни, дијабет, обезитас). Тој не бил вакциниран со вакцина против сезонски грип“, наведено е во извештајот.

Вкупно досега се регистрирани седум смртни случаи од грип и заболувања слични на грип. Починатите лица се од возрасната група од 30 до 64 години и возрасната група лица над 65 години. Кај пет од починатите лица било докажано присуство на Influenza A(H1)pdm09 и едно лице било позитивно на ковид-19.

Во текот на третата недела од 2024 година, на ниво на држава се пријавени 1.675 случаи на групни пријави за заболени од грип/заболувања слични на грип, 41,7 отсто повеќе во споредба со претходната недела.

„Бројот на пријавени лица оваа недела споредено со третата недела од минатата сезона е зголемен за 47,6 отсто“, информира ИЈЗ.

Во споредба со истиот период од минатата сезона бројот на пријавени случаи е зголемен за 22,3 отсто, а во однос на моделот од последните 13 сезони има зголемување од 34,6 отсто. Јануари е месец во кој е најголем бројот на случаи. Во декември имало 829 регистрирани случаи, а во јануари оваа бројка изнесувала 3.882.

Во епидемиолошкиот коментар е наведено дека се забележува зголемување на бројот на заболувања слични на грип, кој е над неделната граница за сезонска активност.

„Резултатите добиени од вирусолошкиот надзор над инфлуенца покажуваат дека има широко-распространета активност на вирусот на грип. Процентот на позитивност е над границата од 10 отсто. Согласно овие податоци, Р.С. Македонија има широка географска распространетост и висок интензитет на активноста на вирусот на грип“, пишува во извештајот на ИЈЗ.

Вакцинацијата против сезонски грип е најефикасна заштита од ова заболување. Институтот за јавно здравје препорачува вакцинација на целото население, посебно на лица кои припаѓаат на т.н. ризични групи.