Македонија И партиите и Амбасадата на САД забрзано анкетираат

И партиите и Амбасадата на САД забрзано анкетираат

Агенциите кои прават сондажи на јавното мислење деновиве имаат полни раце работа.

Според извори од агенциите, и партиите, но и Амбасадата на САД во земјава прават анкети за расположението на граѓаните за предвремени избори, за преодна влада и за рејтинг на партиите и на политичарите.

– Сите анкети се „приватни“, односно нарачателите сами одлучуваат дали ќе ги објават резултатите. Никој не нарачува анкети за „јавно објавување“ – велат од агенциите.

Според нив, најчесто сондажите ги прави ВМРО-ДПМНЕ, поретко – СДСМ, но велат дека и ДУИ има нарачано анкета, повторно за свои потреби.

Последната објавена анкета беше на Институтот за демократија „Социетас цивилис“ (ИДСЦС) и на Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС), во соработка со телевизија „Телма“, кои во периодот од 19 февруари до 2 март 2015 година спроведоа истражување на јавното мислење за аферата „Прислушување“.

Истражувањето е објавено на 6 март.

Последната, пак, странска анкета е онаа на американскиот Меѓународен републикански институт (ИРИ) со седиште во Вашингтон, спроведена во Македонија во периодот од 9 до 15 декември минатата година, врз репрезентативен примерок од 1.105 испитаници, а во медиумите беше презентирана два и пол месеци подоцна – на 26 февруари.