Свет Балкан Хвар гледа спас во лекарка од Македонија со плата од 6.740 евра!

Хвар гледа спас во лекарка од Македонија со плата од 6.740 евра!

Жителите на општината Суќурај, во источниот дел на хрватскиот остров Хвар долго време се без лекар, а решение за нивниот проблем изгледа ќе стане лекарка од Македонија, извести хрватскиот јавен радиодифузен сервис ХТВ.

И половина година откако е распишан огласот за нов лекар во амбулантата во Суќурај, од Хрватска не се јавил никој, а единствена заинтересирана била лекарка од Македонија. На огласот покрај бесплатно сместување и редовната плата се нуди и бонус од општината во износ од 50.000 куни годишно (6.740 евра).

– До ден-денеска никој не дојде, но имаме најава дека би можела да дојде лекарка од Македонија, кога ќе се средат документите. Никој од Хрватска не сака во Суќурај – вели градоначалникот на општина Суќурај, Иван Славиќ.

Во амбулантата во селото Суќурај има само медицинска сестра во амбулантата. Два-три пати во неделата доаѓаат лекар од Јелса, гратче кое е оддалечено 53 километри, а таму е и најблиската екипа на Итна медицинска помош, на која поради лошите патишта и треба повеќе од еден час за да стигне.