Главна секција Ховит, Вајгл и Кукан ќе го спасуваат Договорот од Пржино

Ховит, Вајгл и Кукан ќе го спасуваат Договорот од Пржино

Тројцата европратеници Ричард Ховит, Иво Вајгл и Едвард Кукан денеска ќе се обидат да ги приближат ставовите меѓу владејачката партија и опозицијата за датумот на изборите.

Тие вчера допатуваа во Скопје, а денеска ќе имаат средби со политичките партии потиписнички на Договорот од Пржино. Засега нема информации дали европратениците ќе имаат и заедничка средба со лидерите на политичките партии.

Европратениците, заедно со еврокомесарот за проширување и за соседска политика, Јоханес Хан, посредуваа во носењето на Договорот од Пржино.

Евроамбасадорот Аиво Орав вчера на својот твитер-профил им порача на политичките партии дека денеска заедно со европската тројка Ховит, Вајгл и Кукан треба да постигнат конечно решение за предвремените парламентарни избори.

Амбасадорот на САД во Македонија, Џес Бејли, во интервју за телевизијата „Канал 5“ рече дека Договорот од Пржино не е мртов, но дека вечер ќе стигне до точката од каде нема враќање.

– Клучното прашање сега е да се одлучи денот на изборите. Тоа е најкритичкото прашање во писмото што му го испративме на премиерот. Сè уште сум убеден дека Договорот од Пржино е жив. Тоа е патот што води кон излезот од кризата. Имаше други моменти кога тој договор некои сметаа дека е мртов и секогаш луѓето седнуваа и донесуваа одлуки и се одеше чекор понапред, па оптимист сум и тоа ќе останам, бидејќи така се завршуваат работите – вели Бејли.