Дописници Хотелиерите реагираат за лошата состојба на туристичкиот центар Попова Шапка

Хотелиерите реагираат за лошата состојба на туристичкиот центар Попова Шапка

Хотелиерите на Попова Шапка реагираат што двоседот „Св.Илија“ не работи од февруари лани и велат дека без негово функционирање, не може да се одвива никаков туризам. Загрижени се што толку долго време никој не презема ништо и нема никакви вложувања во овој познат туристички центар.

Освен тоа, стагнира и изградбата на шестоседот. Хотелиерите велат дека досега немало толку слаба организација на Попова Шапка. Делот од планината каде што е започната изградбата на шестоседот е во хаотична состојба, без никакви најави за продолжување на градежните работи и завршување на проектот.

Тие особено се жалат и на проблемот со отпадоците. Голем дел од туристичкиот центар е затрупан со смет, а од надлежните нема никаква реакција. Уште на самиот влез од Попова Шапка се забележува голема количина на отпадоци и непријатна миризба.

Заради ваквата состојба на Попова Шапка, хотелиерите стравуваат за престојната туристичка сезона. Велат, во ваква ситуација, тешко можат да привлечат туристи. Апелираат до надлежните за што поскоро справување со овие проблеми.