Македонија Химната ќе се интонира секој понеделник во основните училишта во Аеродром

Химната ќе се интонира секој понеделник во основните училишта во Аеродром

Градоначалникот на Аеродром Тимчо Муцунски сподели видео од ученици како ја интонираат химната

Фото: Принтскрин од видео на Фејсбук страницата на Тимчо Муцунски

Наставата во основните училишта во Аеродром секој понеделник ќе започнува со интонирање на македонската химна, објави Тимчо Муцунски на својата Фејсбук страница. Тој сподели и видео од учениците во основното училиште „Лазо Ангеловски“ како ја пеат химната.

Според Муцунски, почитта и љубовта кон татковината се градат од најмала возраст.

„Станува збор за иницијатива преку која изразуваме искрена почит кон татковината и со која имаме цел да го подигнеме националното чувство и љубовта на дечињата кон Македонија, но и ќе ги охрабриме да учат за македонската култура и традиција“, дополни Муцунски.

Инаку, слична ваква пракса беше имплементирана во основните училишта во општина Аеродром во 2017 од страна на тогашниот градоначалник Ивица Коневски.

Во Законот за употреба на грбот, знамето и химната на Република Северна Македонија не постојат никакви препораки во врска со интонирањето на химната во училишта.