Македонија Хелсиншки: Да се отстранат недостатоците за вклучување на децата со попреченост во...

Хелсиншки: Да се отстранат недостатоците за вклучување на децата со попреченост во редовното образование

По повод одбележувањето на 3 Декември, Меѓународниот ден на лицата со попреченост, Хелсиншкиот комитет за човекови права денеска упати апел да се отстранат недостатоците од досегашната имплементација на новиот Закон за основното образование, со кој децата со попреченост можат да се вклучат во редовното образование.

Од Хелсиншкиот комитет го поздравуваат годинешното донесување на законот, укажувајќи дека со донесувањето на подзаконските акти на почетокот од 2020 година треба да се отстранат недостатоците во имплементацијата, особено во делот на допрецизирање и регулирање на постапката за одобрување на образовни асистенти. Воедно, тие посочуваат дека децата со попреченост и нивните семејства сѐ уште се соочуваат со предрасуди и дискриминација при запишувањето во редовните училишта низ земјава.

„Особено е важно што со воведувањето на Меѓународната класификација на функционалност, попреченост и здравје (МКФ), која ја заменува досегашната категоризација на децата со попреченост според застарениот медицински модел, фокусот сега е ставен на проценување на нивните способности, со што ќе се овозможи препознавање на нивниот потенцијал, а со цел постигнување на подобра вклученост и обезбедување на соодветна поддршка за понатамошен развој“, се вели во соопштението на Хелсиншкиот комитет за човекови права.

Во изминативе две години, нагласуваат тие, постепено се напушти институционалното живеење и се изврши трансформација на институциите, додека процесот продолжил со зајакнување на алтернативните форми на згрижување и сместување, како и со развивање на сервиси за поддршка на лицата со попреченост и нивните семејства во рамки на локалната заедница.

На 3 декември секоја година, почнувајќи од 1992 година, се одбележува Меѓународниот ден на лицата со попреченост со цел подигање на свеста за нивните права.