Свет Балкан ХДЗ освои најмногу гласови на хрватските парламентарни избори, но не и мнозинство...

ХДЗ освои најмногу гласови на хрватските парламентарни избори, но не и мнозинство во парламентот

Владејачката партија, со премиерот Андреј Пленковиќ на чело, освои 60 пратенички места од вкупно 151

Фото: EU2017EE Estonian Presidency, CC BY 2.0, via Wikimedia Commons

Владејачката партија Хрватска демократска заедница (ХДЗ) освои 60 пратеничка места од можни 151 на вчерашните парламентарни избори во Хрватска, пренесува Гардијан. Ова се резултатите откако се изброија над 90 отсто од гласовите.

На второ место се најде коалицијата „Реки на правдата“, предводена од Социјалдемократската партија (СДП), која освои 42 пратенички места. На чело на оваа коалиција стои Зоран Милановиќ, претседателот на Хрватска.

На трето место беше крајнодесничарската коалиција „Домовински покрет“ („Татковинско движење“), со 14 пратеници.

Ова претставува трета победа по ред за ХДЗ и премиерот Андреј Пленковиќ, која на претходните парламентарни избори во 2020 година освои 66 пратенички места, кога излезноста била 47 отсто, наспроти 60 отсто на вчерашните избори.

Сепак, претстои тежок пат за ХДЗ до формирање мнозинство. Хрватски аналитичари сметаат дека „Домовински покрет“ има добра шанса да биде дел од коалицијата на ХДЗ, но сепак се очекуваат потешкотии во преговорите.

Се чинше дека победата за ХДЗ е неизвесна, сè додека претседателот Милановиќ не најави дека тој ќе се кандидира на изборите, со својата коалиција „Реките на правда“. Иако хрватските судови му наредија да отстапи од претседателското место пред да се кандидира на парламентарните избори, Милановиќ остана кандидат.

Премиерот Пленковиќ го има обвинувано Милановиќ дека е про-руски настроен, поради тоа што се противел на тоа Европската Унија (ЕУ) да ја финансира армијата на Украина и бидејќи се залагал украински војници да не се обучуваат во Хрватска и покрај тоа што Хрватска е член на НАТО. Милановиќ вели дека е против руската инвазија во Украина, но сака да спречи Хрватска да се „завлечка“ во војна.

ХДЗ била владејачката партија речиси постојано откако Хрватска стана независна земја во 1991 година. Милановиќ бил премиер од 2011 до 2016 година.