Здравје Ханс Клуге: С. Македонија успешно го унапреди примарното здравство

Ханс Клуге: С. Македонија успешно го унапреди примарното здравство

На средбатa е присутен министерот за здравство, д-р Фатмир Меџити заедно со министрите за здравство и делегатите на високо ниво од 53 земји-членки на Европскиот регион на СЗО, како и претставници на партнерските организации и граѓанското општество

Фото: Министерство за здравство

С. Македонија вложи многу труд да го подобри третманот на незаразните болести и овозможи матичните лекари да ја препишуваат хроничната терапија. Вашата држава е успешен пример кога станува збор за унапредувањето на примарната здравствена заштита.

Ова денеска го изјави д-р Ханс Клуге, директорот на СЗО за Европа, на сесијата на Регионалниот комитет на СЗО за Европа, кој се одржува од 24 до 26 октомври. На средбатa е присутен министерот за здравство, д-р Фатмир Меџити заедно со министрите за здравство и делегатите на високо ниво од 53 земји-членки на Европскиот регион на СЗО, како и претставници на партнерските организации и граѓанското општество.

Домаќин на состанокот е Владата на Казахстан, под покровителство на Касим-Жомарт Токаев, претседателот на Казахстан. Како што информираат од министерството, во рамки на сесијата ќе бидат разгледани неколку планови за јавно здравје, вклучувајќи акционен план за здравјето на бегалците и мигрантите за 2023-2030 година, рамка за акција за здравствената работна сила за 2023-2028 година и патоказ за антимикробна резистенција за 2023-2030 година.

Фокус ќе биде ставен и на прашањата за управување, вклучувајќи ги тековните и идните програмски буџети, а ќе биде претставен првиот извештај за отчетност, давајќи преглед на тоа како СЗО/Европа се снабдуваат и управуваат со ресурсите и кои резултати се постигнати.

Годинава СЗО ја одбележува својата 75 годишнина, а одбележува и 45 години од потпишувањето на историската Декларација од Алма-Ата за примарна здравствена заштита (ПЗЗ) и средината на Европската програма за работа (EPW) 2020-2025 година – „Обединета акција за подобро здравје во Европа“.