Македонија Македонија за бегалците ќе добие 24 милиони евра од Брисел

Македонија за бегалците ќе добие 24 милиони евра од Брисел

Еврокомесарот Јоханес Хан на денешната прес-конференција се осврна и на бегалската криза и ја коменираше изјавата на македонскиот министер за надворешни работи, Никола Попоски, за можно подигнување ограда на границата со Грција.

– Некои од вас биле во мојата канцеларија и виделе дека таму, од добри причини, ја ставив сликата од сечење на железната завеса меѓу Австрија и Унгарија, од страна на министрите за надворешни работи Алојз Мок и Ѓула Хорн. Имам парче од таа „завеса“ во канцеларијата. Тоа кажува дека сме биле способни да ја симнеме железната завеса во Европа. Железни завеси и ѕидови не се во европскиот дух. Сериозно сум загрижен дека еден вид невидлива железна завеса повторно се гради во делови од Европа. Јас ќе сторам сè како личност и европски функционер тоа да не се случи. Ние мораме да ја преземе одговорноста, секој од нас мора да биде свесен што е ова што го прави и кои ќе бидат последиците. Европа може да функционира само ако има мобилност, физичка и ментална – рече Хан.

Еврокомесарот соопшти дека ЕК донела одлука да се одвојат 24 милиони евра финансиска помош за Македонија преку инструментот за предпристапна помош (ИПА).

– Земјите од Западен Балкан не смее да станат паркиралиште или ничија земја за бегалците. Тоа би било геостратешка грешка и нам ни требаат ладни глави од сите страни, а не тешка реторика. Токму затоа, за помош во миграциски акции во овие земји, за градење прифатни центри и друго, Србија ќе добие 45 милиони евра, а Македонија ­- 24 милиони евра, а ако е потребно, подготвени сме да обезбедиме дополнителни пари – рече Хан.