Свет Хан: Хрватска да ја деблокира границата

Хан: Хрватска да ја деблокира границата

Еврокомесарот за соседска политика и за проширување, Јоханес Хан, денеска од Белград апелираше хрватската влада да ја смени одлуката за блокада на границата, затоа што тоа е од заемен интерес за сите луѓе на Западен Балкан.

Хан, како што јавува РТС, на прес-конференцијата по разговорите со српскиот премиер Александар Вучиќ, оцени дека мерките на хрватската влада не се пропорционални, односно се дискриминаторски.

Еврокомесарот рече дека од заемен интерес за сите луѓе од Западен Балкан е да постои слобода на движење, што е важно за економската стабилност. Хан изразил загриженост поради ситуацијата на границите на Србија и на Хрватска и додал дека претставниците на ЕУ, вклучувајќи го и него, се обидуваат да го решат овој проблем, кој може да се реши само со укинување на блокадата на границите.

– За тоа нема алтернатива – порачал еврокомесарот, подвлекувајќи дека нема за што да се преговара во врска со тоа.