Македонија Хан: Граѓаните на идната Северна Македонија заслужуваат европска иднина

Хан: Граѓаните на идната Северна Македонија заслужуваат европска иднина

„Ова е историски ден затоа што граѓаните на идната Северна Македонија заслужуваат европска иднина“, изјави еврокомесарот Јоханес Хан во Отешево, по потпишувањето на договорот помеѓу Македонија и Грција во Псарадес, на грчката страна од Преспанско Езеро.

Тој додаде дека требаше многу време и многу пат за да се стигне таму каде што сме денеска, но исто така потсети дека следува и понатаму работа, бидејќи завршува еден процес, но почнува нов.

„На крајот од денот сите ќе видат дека договорот е добар компромис во кој сите добиваат по нешто“, додаде Хан.

Високата претставничка за надворешна политика и безбедносна политика на ЕУ, Федерика Могерини рече дека лично се надева дека за две недели ќе има датум за почнување на преговорите со ЕУ, а денешното потпишување на договорот помеѓу Македонија и Грција е позитивен сигнал.

„Ова е добар ден за двете земји. Тука сме да кажеме дека е добар ден и за ЕУ и за Балканот. Навистина е историски ден. Се сеќавам на почетокот на преговорите со двајцата премиери. Многумина беа скептични, но благодарение на храброста, и на посветеноста на двајцата премиери се постигна решение. Сакаме да кажеме дека не направија горди нас Европјеците бидејќи преку дијалог и дипломатија дојдоа до решение. Тоа е добро и за Балканот, за да се шири ваква атмосфера и порака и останатите во регионот дека треба да преземат храбри чекори. Дипломатијата, дијалогот и тешката работа секогаш треба да бидат водилка во решавање на разликите и во регионот и во Европа“, кажа Могерини.

Таа додаде дека сега двете земји имаат работа за да го имплементираат договорот и дека ЕУ ќе биде тука при секој чекор, бидејќи имплементацијата не е важна само за двете земји, туку и за Европа.