Свет Европа Хамонд: По Брексит нема враќање назад

Хамонд: По Брексит нема враќање назад

Излегувањето на Велика Британија од Европската Унија ќе биде конечно и потоа нема враќање назад, предупреди денеска шефот на британската дипломатија, Филип Хамонд.

– Кога еднаш ќе донесеме таква одлука, нема враќање назад. Велика Британија никогаш повеќе нема да може да се врати во ЕУ, освен под услови кои се неприфатливи, како што е обврската за приклучување во еврозоната и примената на Шенгенскиот договор – рече Хамонд на самитот на министрите за надворешни работи на ЕУ во Луксембург.

Тој оцени дека битката пред референдумот е „многу тесна“ и повтори дека за Велика Британија најдобро е да остане во Унијата, што пред неколку месеци го изјави и премиерот Дејвид Камерон.

Хамонд додаде дека на своите европски колеги ќе им порача дека британската влада во случај на останување во Унијата, ќе очекува брзо и целосно спроведување на „болните“ реформи во ЕУ.