Свет Хакерски напад на САД: Украдени личните податоци на најмалку 21,5 милиони луѓе

Хакерски напад на САД: Украдени личните податоци на најмалку 21,5 милиони луѓе

Хакерите што упаднаа во базата на податоци на САД ги украле личните податоци на најмалку 21,5 милиони луѓе, соопштиле владини преставници, пренесуваат светските медиуми.

Најновите информации, објавени денеска, покажуваат дека загриженоста кај властите на САД во врска со инцидентот се зголемува, бидејќи само пред еден месец беше соопштено дека, според тогашните процени, во хакерскиот напад биле украдени личните податоци на 4,2 милиони актуелни и поранешни службеници на федералната влада.

Станува збор за бројка која е петпати поголема од првичната, а меѓу оние чии податоци се украдени се апликанти за државна работа, федерални контрактори и повеќе од еден милион нивни соработници и партнери, соопштиле од канцеларијата за менаџмент на персоналот (ОПМ).

За хакерскиот напад, кој се случи во април оваа година, главен осомничен е Кина. Меѓутоа властите во Пекинг јавно ги отфрилија сите обвинувања за наводна вмешаност.

Упадот во базата на податоци предизвика серија сослушувања во Конгресот на САД и остри критики за состојбата со сајбер-одбраната на САД.

Политичари од двете страни бараат шефицата на ОПМ, Кетрин Аркилета, веднаш да биде разрешена.