Свет Балкан Хакери ги објавија јавно украдените податоци на Електростопанство на Србија

Хакери ги објавија јавно украдените податоци на Електростопанство на Србија

Линкот кој води до можност за преземање на досега објавените податоци веќе се шири на социјалните мрежи

Фото: KeepCoding on Unsplash

Хакерите кои неодамна го оневозможија онлајн системот на Електростопанство на Србија (ЕПС), а потоа бараа еден вид „откуп“ за да ги вратат податоците, вчера објавиле повеќе од 34 гигабајти кориснички податоци на интернет и овозможиле нивно преземање преку блогот Qilin, на мрежата Onion, објави Бета.

Воедно, најавено е дека вториот дел од базата на ЕПС ќе биде објавен в понеделник, на 22 јануари.

Линкот кој води до можност за преземање на досега објавените податоци веќе се шири на социјалните мрежи.

Инаку, хакерската група Qilin ја презеде одговорноста за нападот врз Електростопанство на Србија, минатиот месец, објави форумот „Безбеден Балкан“. Доколку институцијата не одговори на барањата, како што објавуваа српските медиуми, од Qilin изјавиле дека ќе ги објават сите податоци до кои дошле.

Според експертите, Србија е во групата од 15 земји чии институции или компании биле цел на оваа група, која неодамна хакираше економски гигант, а нападите ги започнува со испраќање „фишинг“ мејлови.