Македонија Груевски: За ВМРО-ДПМНЕ е важно изборите на 24 април да бидат фер...

Груевски: За ВМРО-ДПМНЕ е важно изборите на 24 април да бидат фер и демократски

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, денеска се сретна со министерот за надворешни работи на Кралството Холандија, Берт Кундерс, со кој разговарал за актуелната политичка состојба, односите меѓу двете држави и за интеграциските процеси на Македонија.

Како што соопштуваат од партијата, Груевски посочил дека претстојните избори на 24 април се неопходни поради излез од наметната политичка криза и добивањето стабилна влада, која е клучен елемент за продолжување на реформите и на мерките насочени кон подобрување на стандардот на граѓаните, како и за справување со предизвиците поврзани со мигрантската криза.

Груевски изразил уверување дека за ВМРО-ДПМНЕ суштински важно е изборите на 24 април да бидат фер и демократски, при што ќе биде испочитувана волјата на мнозинството граѓани.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ посочил дека и понатаму стратешка цел на Македонија претставува членството во Европската унија и во НАТО, како и примена на принципите и на вредностите што произлегуваат од оваа стратешка цел.