Македонија Груевски: Вториот круг помина со масовен поткуп, системски закани и со уцени

Груевски: Вториот круг помина со масовен поткуп, системски закани и со уцени

Колку што имаше нерегуларности во првиот круг на гласањето, тие уште повеќе се зајакнаа во вториот круг, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, откако гласаше во ОУ „Кузман Јосифовски-Питу“ во Општина Кисела Вода.

– Демократската атмосфера, за жал, во овој период не можеме да ја видиме. Имаше масовен поткуп на граѓаните како никогаш досега во Македонија, како и закани, притисоци и уцени врз луѓето, претежно кон наши активисти од страна на СДСМ – изјави Груевски.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ рече дека и во минатото се случувале обиди за поткуп, но биле изолирани, ретки и мали, а сега, како што рече, „станува збор за масовен поткуп што е под заштита на полицијата, контролирана од СДСМ“.

– Луѓето отворено се уценуваат со губење работно место, особено администрацијата, со кривични пријави, недобивање субвенции. Тоа е масовно, организирано, системски – рече Груевски.

Тој порача дека ВМРО-ДПМНЕ нема да биде скршена, туку нивната борба допрва почнува.