Македонија Груевски веќе не е почесен претседател, Мицкоски останува на чело на ВМРО-ДПМНЕ

Груевски веќе не е почесен претседател, Мицкоски останува на чело на ВМРО-ДПМНЕ

Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ на синоќешната седница одлучи да направи измени во статутот на партијата и да ги укине почесните членови и почесните претседатели на партијата. Ова значи дека Никола Груевски не е веќе почесен претседател на ВМРО-ДПМНЕ, но затоа пак Христијан Мицкоски останува на чело на главната опозициска партија во земјава, информираат од ВМРО-ДПМНЕ.

Со измените на статутот, претседателот на партијата, претседателите на општинските комитети и претседателите и членовите на сите органи и тела избрани на конгрес имаат ограничен мандат од четири години, при што максимум на истата функција ќе можат да се задржат три мандати, а за да го добијат третиот мандат мора да се избрани од партиските органи и тела со двотретинско мнозинство. Ова би значело дека Христијан Мицкоски би можел да остане на чело на ВМРО-ДПМНЕ најмногу три мандати од по четири години.

Панче Тошковски на синоќешната прес-конференција појасни дека Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ со измените на статутот одлучил да пренесе поголеми надлежности над членството и органите на партијата, односно да ја демократизира партијата. Воедно, Централниот комитет едногласно го овластил претседателот Христијан Мицкоски да преговара за формирање на ново парламентарно мнозинство и за составување нова влада.

Од владејачката СДСМ преку соопштение велат дека Мицкоски со лажни партиски агенди неуспешно се обидува да го сокрие изборниот пораз.

„Ниту Мицкоски може да ја демократизира ВМРО-ДПМНЕ, ниту може да добие мандат за состав на влада. Мицкоски е поразен политичар, прочитана книга и од граѓаните, а се повеќе и од сопствените членови и поддржувачи“, се вели во соопштението на СДСМ.

Од СДСМ порачуваат дека колку побрзо го признаат изборниот пораз, толку побрзо на Христијан Мицкоски и на ВМРО-ДПМНЕ ќе им заврши агонијата низ која во моментов поминуваат.