Македонија Груевски: В недела народот ќе се спротивстави на црното сценарио

Груевски: В недела народот ќе се спротивстави на црното сценарио

Уште само еден ден до големата победа на ВМРО-ДПМНЕ и Kоалицијата за подобра Македонија и до одбраната на унитарноста на Република Македонија, рече на завршниот митинг во Прилеп лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и носител на листа во четвртата изборна единица, Никола Груевски.

– Сите изминати денови во оваа кампања беа максимално исполнети, некогаш само погледот на луѓето со кои се среќавав и соочував беше доволен да ја видам и да ја разберам нивната порака и нивната загриженост – луѓето сакаат подобар живот, повисок стандард, работа, нови работни места и конкретна програма на која може да ѝ веруваат. Народот очекува политичарите на кои ќе им биде дадена довербата да ги штитат државните интереси и да не дозволат мрачни сценарија да ја разорат државата, нашата држава Македонија. Ние ќе работиме на тоа, вие го знаете тоа, ние ќе стоиме рамо до рамо со вас и секогаш ќе се потпираме на вашата поддршка, затоа што таа нè одржа во целиот овој хаотичен и кризен период кога се спроведуваа делови од црното сценарио против Македонија и таа ќе се спротистави в недела на финалето на тоа сценарио – рече Груевски.

Претходно, Груевски од митингот во Крушево порача дека завршува кампањата и дека доаѓа победата, а дека в недела народот громогласно ќе ја поддржи ВМРО-ДПМНЕ.

– Сè уште не научија дека ако сакаш да добиеш можност да ја водиш државата, тоа треба да го очекуваш од народот, да му понудиш проекти, програма и чесен пристап, а не да чекаш криминални структури да те донесат на власт. Народот ќе го казни СДСМ в недела и ќе го казнува сè додека не научи да го почитува сопствениот народ. Не ни треба некој однадвор да ни ја прекројува и редефинира државата и да ни го наруши соживотот. Заев повеќе време потроши да внесе гнев, отколку нешто мудро и паметно или добар проект да презентира пред луѓето – рече Груевски.