Македонија Груевски три часа му објаснувал на Хан дека ова било „политичко силување“

Груевски три часа му објаснувал на Хан дека ова било „политичко силување“

Средбата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, со еврокомесарот за проширување и за добрососедска политика, Јоханеси Хан, траела три часа и на неа, како што соопштуваат од партијата, Груевски и неговите соработници „многу директно, јасно и прецизно“ ги претставиле своите позиции за моменталната политичка состојба, но и за „сите причинители, поттикнувачи и извори на неколкугодишната криза во Македонија“.

Груевски на средбата со Хан и со тројцата европратеници, Иво Вајгл, Едвард Кукан и Кнут Флекенштајн, бил придружуван од партиските функционери Антонио Милошоски, Илија Димовски, Александар Николоски и Христијан Мицковски.

– ВМРО-ДПМНЕ отворено зборуваше за директното мешање на надворешни фактори во создавањето на кризата, неприфатливата улога и мешањето на неколку амбасадори во процесот на формирање на владата, улогата на СЈО како политичка испостава на СДСМ и на некои надворешни центри за уцени, притисоци, замолкнување и за закана кон политичари, новинари и медиуми, политичката измама со постизборното презентирање на платформата од Тирана како документ – услов за составување на влада, разочараноста што Европската комисија не ја осуди платформата, намерата на одредени центри да се скрши и по можност да се елиминира ВМРО-ДПМНЕ за да се редефинира државата… – стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ за средбата.

Од ВМРО-ДПМНЕ нагласиле дека мнозинството од македонскиот народ не може да биде оставено во опозиција и без право да учествува во раководењето и во одлучувањето за иднината на својата држава.

– Македонските граѓани се крајно револтирани затоа што не само што се крши принципот „победник со победник“, кој меѓународната заедница го наметна, туку јасна е намерата преку тоа кршење, мнозинството Македонци да одат во опозиција за да можат албанските партии заедно со СДСМ, како поразена партија поддржана од малцинството од граѓаните и особено од малцинството од Македонците, да го сменат името и идентитетот и да ја применат тиранската платформа за редефинирање до непрепознавање на земјата, и дека СЈО е главната алатка за олеснување и за спроведување на тој план, чиј креатор заборавил дека Македонија освен партии и политичари има и народ, и дека ова што се случува е „политичко силување“ на државата и на народот и неговата волја – велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата било предочено дека одговорноста за понатамошниот развој на состојбата ја носат сите политички чинители, вклучувајќи ги претставниците на меѓународната заедница и дека многу избразни и непромислени чекори и изјави од кој било фактор создаваат и можат да создадат сериозни тензии во целокупното општество.

– ВМРО-ДПМНЕ посочи дека предвремени избори секако ќе има, но колку побргу се одржат тие, толку подобро за Република Македонија. Потребно е да се искористи можноста тие избори да се одржат заедно со локалните избори, во најкус можен рок, заради ставање конечен крај на долгогодишната криза, која во овие денешни околности очигледно не е во можност да заврши – се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ за средбата со еврокомесарот Хан.