Економија Груевски промовираше мерки за намалување на загаденоста на воздухот

Груевски промовираше мерки за намалување на загаденоста на воздухот

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, промовираше мерки за намалување на загаденоста на воздухот во Музеј на македонската борба за државност и самостојност.

Како што истакна, најголемите загадувачи на воздухот се затоплувањето на домовите со дрва, автомобилите и индустријата и рече дека тие, како владејачка партија, во таа насока ќе донесат мерки за намалување на загаденоста.

Тој најави гасификација на државата и носење на гасот до домаќинствата, односно градење разгранета мрежа на цевковод за гас низ секој град.

– Придобивка од гасификацијата, освен намалување на загадување на воздухот, е заштеда на буџетот на оние кои го користат и тоа за 7 проценти поевтинување за оние кои се греат на дрво, поевтинување за 35 проценти за оние кои сега се греат на струја и поевтинување за повеќе од 50 проценти за оние кои користат друг вид на течни и тврди нафтени горива – изјави Груевски.

Тој додаде дека ќе се доделуваат субвенции до 70 проценти од трошоците на домаќинствата за замена на печките на дрва со печки, котли и цела опрема за системи на пелети, за највеќе до 30.000 денари по домаќинство.

Груевски истакна дека и автомобилите се едни од најголемите загадувачи на воздухот и најави мерки кои ќе го поттикнат купувањето на електрични автомобили.

Увозот на нови електричните возила ќе биде со нула проценти царина и без дополнителна акциза. При купување на нови електрични автомобили ќе се применува повластената даночна стапка од 5 проценти, наместо сегашните 18 проценти на данок.